Околу сто деца и млади учествуваа на 20. јубилеен младински семинар на тема „Вистинска слобода – практичен водич за надминување на искушенијата“, што се одржа во храмот „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн, во организација на Македонската православна младина на Австралија (МОЈА).
Како што соопшти Информативно-просветната служба на Австралиско-сиднејска епархија на МПЦ–ОА, на семинарот, покрај членови на МОЈА, учествувале и претставници на младински групи од сестринските православни цркви. Програмата започнала со Света Божествена Литургија, која во најголем дел била служена на англиски јазик, по што младите се причестиле со Светите Христови Тајни.
Во воведното обраќање, претседателот на МОЈА, Мартин Масалковски, ја нагласил важноста младите да имаат пријатели со кои ја споделуваат верата и на чија поддршка можат да се потпрат во моменти на искушенија.
За темата на семинарот говореле чтецот Закари Армстронг, отец Гаврил Галев и отец Климент Станковски. Предавачите се осврнале на природата на искушението, начинот на кој човекот му подлегнува и на духовните средства за негово надминување, вклучително и покајанието и Светата тајна Исповед.
По предавањата биле организирани работилници во помали групи, на кои учесниците разговарале за конкретни животни ситуации, разменувале искуства и дискутирале за начини на справување со предизвиците во духовниот живот.
Од организацијата посочуваат дека младите волонтери од МОЈА се погрижиле за целокупната организација на настанот, од работилниците до заедничкиот ручек и дружењето, при што во пријателска атмосфера биле создадени нови познанства и пријателства меѓу учесниците од различни парохии.

