Со богат книжевен осврт кон првото поетско дело на археологот и културолог од Гевгелија, Киро Ристов, помина гевгелиската промоција на неговата стихозбирка “Железно време”.
Промоцијата ја отвори директорот на библиотеката Гоце Делчев, Стефан Марковски, кој нагласи дека стихозбирката може да се чита на најмалку две рамништа – првото, на кое се соочуваат богатото професионално и животно искуство, проискажани преку сопствени облици на творештво, и второто, кое е малку подлабинско, а на кое се соочуваат аргументите на филозофијата, во однос на улогата и функцијата на историската наука од една страна, и литературното творештво и неговиот третман на мимесисот, од друга.

За книгата зборуваше и проф. д-р Васил Тоциновски, кој нагласи дека е тешко да се поверува оти станува збор за прво поетско дело. Тој ја забележа изграденоста на поетскиот јазик и филозофските димензии, односно мудроста која силно пулсира во неговите песни. На крајот од промоцијата се обрати и авторот, м-р Киро Ристов, кој раскажа дел од својата приказна врзана за книжевното творештво, изразувајќи благодарност до публиката за присуството, до организаторот на промоцијата ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, како и до оние кои го овозможија излегувањето на книгата, вклучувајќи ја и Општина Гевгелија.

Музичката илустрација на промоцијата беше во изведба на Теодора Гошева Капсарова – Теда, а во промоцијата учествуваа и ученички од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, кои прочитаа одбрани извадоци од поетското творештво на Ристов.
Ристов (1957) е археолог, истражувач и културолог од Гевгелија, кој целата своја кариера ја посветил на проучување и заштита на културното наследство. Тој активно учествува на научни собири и симпозиуми, промовирајќи го културното наследство на Република Македонија. За својот придонес во археологијата и културата е добитник на повеќе награди, признанија и благодарници.

