Македонците кои живеаат во соседните држави, како и Македонците од Егејска Македонија, кои сега живеаат во Македонија се собраа на традиционалната „Егејска вечер“, но и семакедонска средба во Штип. Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец во Албанија вели дека во моментов актуелно е бугарски здруженија преку хуманитарни активности и лекари кои прават бесплатни прегледи на населението да ја извртуваат вистината за населението кое живее во овој регион во Албанија.
-Сега во последно гледаме дека си играат и го злоупотребуват дури и здравјето на луѓето. Доаѓаат доктори од Бугарија, прават бесплатни прегледи, а потоа го прикажуват тоа како хуманитарни акции кај бугарското население во Мала Преспа. Реално таму нема Бугари, освен Македонци. Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува – вели Темелко.

Посочува дека Македонците во Албанија очекуваат наскоро да се отвори и конзулат во Корча и вели дека имаат и одлична соработка и подадена рака од премиерот Христијан Мицкоски за низа на манифестации. Архимандритот Никодим Царкњас вели дека прашањето на Македонците во соседните земји треба да се споменува од страна на македонските власти.
-Во Скопје има амбасадори американски, француски и од други земји од Европа.Треба и премиерот и претседателката да ги повикуваат или да кажуваат што се прави со нашите Македонци во егејскиот и во пиринскиот дел – вели Царкњас.
Трајче Димков од Здружението „Мирка Гинова“ – Штип вели дека во Штип секоја година се одржува семакедонска средба, која ги поврзува Македонците кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија.
-Целта е да упатиме порака дека постоиме и дека онаа неправда која ни е нанесена е голема и бараме да се реши нашиот статус, односно решавање на статусот на сите Македонци надвор од Македонија-изјави Димков.
Триесет години оваа средба се организира во Штип, со цел зачувување на македонскиот идентитет, но и поврзување на Македонците кои живеат надвор од границите на Македонија.

