Стареењето на населението бара и поинаков пристап во здравствената грижа. Поголема мрежа на установи за долготрајна грижа, подобра достапност на услугите и зајакнување на медицинскиот кадар. Ова се чекорите кон кои се насочени активностите за унапредување на грижата за повозрасните и тешко болните. За таа цел, во тек се разговори меѓу Владата, болницата „13 Ноември“, Министерството за здравство и Светската банка за создавање национална стратегија.
„Демографијата во светот, во Европа и Македонија покажува дека популацијата се повеќе старее. Како што се движат годините, се повеќе ќе има луѓе кои се над 65 години со комплекси здравствени состојби, кои што ќе имаат, многу специфични потреби. Ние како здравствени работници да бидеме подготвени, доволно едуцирани за потребите на оваа популација, а истовремено секако да бараме од системот да се адаптира.“, изјави Ленче Нелоска, директор на ЈЗУ за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“.
Потребата од ваков систем е се поголема, со оглед на стареењето на населението. Во моментов, во Скопје има 196 кревети за геријатрија и 75 за палијативна нега, а во Битола уште 75. Покрај проширувањето на капацитетот, предизвик претставува и недостигот од лекари, медицински сестри и негуватели, а надлежните уеруваат на нови вработувања од следната година.
„Се соочуваме со недостатк, уште повеќе што две докторки специјалисти ќе одат во пензија и еден доктор по општа пракса ќе оди во пензија. Тоа ќе биде голем недостиг и предизвик за останатите доктори кои што остануваат во установата 24 часа. Меѓутоа, ние ќе бараме да добиеме согласности за вработување за колку е можно да се олесни работата на колегите.“, вели Нелоска.
Паралелно со институционалното унапредување, важна е и размената на медицински знаења и искуства. Токму тоа беше целта на втората научна конференција за геријатриска и палијативна медицина, на која учествуваат експерти од Франција, Холандија, Шведска и Турција. Целта е повозрасните и тешко болните пациенти да добијат поквалитетна и подостапна грижа, а здравствениот систем навреме да се подготви за потребите на населението.

