ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека партискиот Извршен комитет одржал редовна седница, на која се разговарало за актуелната економско-политичка состојба, енергетските предизвици и активизмот на партиските тела и органи.
– Беше разговарано за случајот со Алта банка, каде што се нотира деструктивното дејствување на опозицијата во насока на рушење на банката и губење пари на илјадници граѓани. Антидржавното дејствување на Венко Филипче е во насока на поткопување на системот, ширење параноја и саботажа на банкарскиот систем. Беше изразено уверување дека институциите работат и дека ќе се најде решение со кое ќе се заштитат интересите на банката – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски на седницата на ИК информирал за средбата со раководството на „Вреди“.
– Тој посочи дека на средбата биле дискутирани принципите на коалицијата, идните предизвици во делот на енергетските состојби, а за кадровските решенија дискусијата ќе продолжи во наредниот период. Воедно, Извршниот комитет донесе одлука за теренска агенда на координаторите од Комитетот за посета на општинските и месните комитети на партијата – се наведува во соопштението.

