Скопје добива нов есенски изглед преку акцијата за хортикултурно уредување што ја реализира ЈП „Паркови и зеленило“, со засадување сезонски цветен расад на повеќе локации низ градот.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, преку објава на „Фејсбук“, информира дека во рамки на активностите за есенско разубавување денеска беа уредени цветните леи во Градскиот парк, Парк Македонија, долж булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“ и „Александар Македонски“, како и во Реонскиот центар.

Ново цветно руво добија и препознатливите цветни фигури „Штрк“ во општина Аеродром и „Торта“ во општина Чаир, кои се освежени со сезонско цвеќе миозотис и хризантеми.
Ѓорѓиевски нагласува дека уредувањето на зелените површини продолжува и во есенскиот период.

– И во есенските денови Скопје го облекуваме во бои што внесуваат свежина и топлина во нашето секојдневие, вели скопскиот градоначалник.
Тој посочува дека грижата за парковите и јавните простори е резултат на секојдневната работа на вработените во јавното претпријатие.

– Благодарност до сите вредни раце што секојдневно се грижат нашите паркови и јавни површини да бидат поубави и попријатни за секој скопјанец, рече градоначалникот.
Во својата порака до граѓаните, Ѓорѓиевски упати апел за заедничка грижа за јавните површини.
– Да го чуваме она што го разубавуваме – порача градоначалникот на Град Скопје Ѓорѓиевски.

