Во Музејот на македонската борба за самостојност, утре, од 10 часот, ќе се одржува петтата Глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“, во организација на истоименото здружение, во рамките на иницијативата „Мајките за Македонија“.
– Големиот интерес за конференцијата „Јас сум жена“ уште еднаш потврди дека постои силна желба за поврзување, размена на знаења, нови можности и заеднички иницијативи. Нè очекува ден исполнет со инспиративни македонски женски приказни, нови познанства, вредни контакти и многу изненадувања – соопшти организаторот.
Посочува дека иницијативата „Мајките за Македонија“ е разговор за жените „кои знаат дека лидерството и грижата за луѓето бараат посветеност, храброст, трпение и способност да се гледа подалеку од денешниот ден“.
За искуството и предизвиците на жена на висока функција, за одговорноста и грижата кон заедницата и идните генерации на настанот ќе говорат градоначалничките на Кисела Вода и Неготино, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Марија Нацева.
Влезот за конференцијата е бесплатен, но со задолжителна регистрација.

