Во ЈЗУ Стоматолошки клинички центар за една и пол година се инвестирани речиси 40 милиони денари во набавка на медицинска опрема и модернизација на условите, а опремена е и ординацијата за општа анестезија за деца и лица со попреченост.
– Набавивме опрема од типот на дефибрилатори, автоклави, стерилизатори, печка за жарење, печка за порцелан, кастомат, пескари, подвижен рендген-апарат, ласери и друга медицинска опрема. Оваа инвестиција е со цел да се модернизираат условите во нашата клиника и за давање подобра стоматолошка здравствена заштита на нашите пациенти. Целосно е реновирана и опремена ординација за општа анестезија за деца и лица со попреченост и набавен е видеоларингоскоп, како и други инвестиции за унапредување на условите за пациентите. Годишно, речиси 200 деца се третирани во одинацијата и нема листа на чекање – изјави директорката на Стоматолошкиот клинички центар, Јулијана Николовска.
Според неа, станува збор за значаен исчекор во модернизација на установата и дека инвестицијата реализирана за само една и пол година е направена со цел пациентите да имаат подобра стоматолошка здравствена заштита, а вработените да имаат подобри услови за работење. Таа посочи дека тоа е овозможено благодарение на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.

– Благодарност и до Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, од која добивме нов стоматолошки стол со комплет насадни инструменти, подвижен рендген-апарат и еден автоклав. Од „Зегин“ имаме донација од два болнички кревети, кои служат за реанимација на пациентите и на лицата со попреченост на кои тука им се укажуваат стоматолошки здравствени услуги и кои би требало потоа да се реанимираат. Покрај овие инвестиции во медицинска опрема, инвестиравме и во реконструкција на зградата. Голем дел од прозорците во сите сали е реконструиран, дограмата, направен е овој пулт за информаци. Отворена е и нова сала, нова ординација, каде што се матичните лекари и каде што треба првично да дојдат пациентите. Ова е, практично, благодарение на нашите заложби. Исто така, покрај поддршката од Министерството и Фондот, имаме и домаќинско работење и некои наши интерни заштеди, а сето тоа е со цел подобрување на стоматолошкото здравје на нашето население – рече проф. д-р Николовска.
Директорката на „Зегин“, Викторија Механџиска, изјави дека Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата веќе четири години интензивно работат на темата и подигнување на свеста во нашата држава за децата со аутизам и нивните потреби.
– Минатата година имавме еден карван, посетивме над десет града во нашата држава и ги сослушавме родителите. Меѓу другото, беше и барањето токму за една ваква донација бидејќи децата со аутизам имаат битна дентофобија и им е потребна сала за анестезија, во која ќе бидат санирани нивните проблеми. Така почна иницијативата заедно со директорката, ја направивме и денеска сме на ова свечено отворање – додаде Механџиска.
По повод инвестициите, денеска, во посета на Стоматолошкиот клинички центар беше и министерот за здравство, Сашо Клековски, кој изјави дека не смее да се занемари фактот оти на секоја држава ѝ треба квалитетна јавноздравствена услуга, вклучувајќи го и сегментот на стоматологија. Ова, посочи, е терцијарна установа, која се грижи и за едукација на идните стоматолози.
– Како идните стоматолози и специјализанти ќе ги совладуваат новите технологии ако тука нема 3Д-скен и 3Д-печатачи за изработка на потребните протетички работи или, пак, нема најнови модели на импланти – рече Клековски.

Според него, ова е значаен чекор кон зајакнување на улогата на оваа клиника во стоматолошката здравствена заштита. Во врска со модернизацијата или реконструкцијата на одделот или кабинетот што работи со општа анестезија, појасни дека тоа е едно значајно големо барање од многу граѓани што имаат потреба, без оглед дали тоа се деца со посебни потреби, деца со аутизам или, едноставно, лица со дентофобија, да се унапреди овој дел.
– Фактот дека сега е комплетно опремена ординацијата, со подвижен рендген и со видеоларингоскоп за да се направи анестезијата побезбедна, е еден исчекор. Тоа е само прв исчекор. Ние не можеме да си дозволиме да имаме само една установа во целата држава, која се грижи за ваков тип на интервенции. Постоењето можност за стоматолошка услуга со општа анестезија треба да е подостапна бидејќи така ќе има повеќе лица со здрави заби бидејќи има луѓе што не може да се соочат со моментот на стоматолошките услуги и треба да ги согледаме моделите за децентрализација. Клучното прашање тука е достапноста на анестезиолози, меѓутоа мора да се разгледаат некои од можностите на клиничките или општите болници. Тука мислам на Тетово, Штип и Битола да воведат ваков тип на услуги во соработка со други соодветни здравствени установи. Секако, тоа ќе биде еден поттик за понатаму бидејќи тоа е барање на многу здруженија и родители на деца што имаат потреба од ваква стоматолошка услуга – истакна Клековски.

Тој рече дека многу е значајно што една општествено одговорна фирма како „Зегин“ заедно со Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ го направи овој исчекор.
– Ние сме гледале во минатото општествена одговорност во многу други области. Значајно е да потикнуваме општествена одговорност во здравството. Сите донации во здравството се добредојдени, особено со ваков фокус на деца со аутизам, бидејќи тоа придонесува и на подигање на јавната свест за прашањето. Значи, финансиската значајност е една, а втората значајност е општествена одговорност во здравството и поврзување со конкретна тема, како што е аутизмот. Тука сум благодарен на направените чекори – додаде Клековски.

