Градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на Општина Битола Борче Димитровски престојуваат во израелскиот град Тел Авив каде се одржува 35 Меѓународна конференција на градоначалници, годинава на тема „ Оспособување на градовите на иднината“, со акцент на новите технолошки достигнувања и вештачката интелигенција.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека посетата се реализира на покана на Американско-израелскиот конгрес, Mинистерството за надворешни работи на Израел и Американскиот совет на Евреите во Светот.

-На конференцијата учествуваат 22 градоначалници од 18 држави од пет континенти од Светот. Учесниците имаа можност да проследат презентации од стартапи кои истражуваат како технологијата и вештачката интелигенција ја трансформираат градската власт, да посетат постројка каде што напредната технологија ја претвора морската вода во сигурен извор на свежа вода, нудејќи поуки за иновативна инфраструктура и долгорочна безбедност на водоснабдувањето – информираа од локалнаta самоуправа.
Делегациите остварија средба со претседателот на Израел, Исак Херцог на која се разговараше за лидерството, заедницата и дијалогот преку границите, а делегацијата на Општина Битола оствари средба и со градоначалници на неколку општини во Израел.

