Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денеска додели признанија и награди за 14 најдобри вработени во двете јавни детски градинки на територијата на општината – ЈДГ „8 Март“ и ЈДГ „Весели Цветови“.
Оваа значајна иницијатива, како што соопштија од локалната самоуправа, уследи по претходно објавениот јавен повик, кој ги опфати сите категории вработени во градинките: административните работници, давателите на јавни услуги и помошно-техничкиот персонал.
По извршената евалуација на пристигнатите пријави од страна на надлежната Комисија, биле избрани кандидатите кои ги исполнуваа предвидените услови и критериуми.
-Ова признание претставува израз на длабока благодарност и почит кон нашите вработени за нивната професионалност, одговорност и секојдневен придонес во работењето, како и во унапредувањето на квалитетот на услугите во јавните детски градинки. Наградени се луѓе од различни работни позиции бидејќи ја вреднуваме улогата на секој поединец во нашата заедничка мисија: обезбедување квалитетна, грижлива и безбедна средина за најмладите – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска.
На свеченоста, признанија беа доделени на следните истакнати работници: ЈДГ „8 Март“: Марија Спасовска, Мирјана Ѓорѓиоска, Билјана Велковска, Татјана П. Јанушевска, Валентина Перовска, Христина Велковска, Христина Блажевска.
ЈДГ „Весели Цветови“: Тања Јанкуловска, Габриела Стојановска, Маја Џ. Тодоровска, Наташа Живковска, Мара Стефковска, Жаклина Тодоровска, Нуредин Нусред.

