Отсекот за превенција при СВР Куманово одржа работен состанок со автопревозниците од регионот, на кој беа разгледани законските обврски при вршење јавен превоз на патници на градски, меѓуопштински и меѓународни линии.
Целта на средбата е превентивно да се укаже на потребата од почитување на законските прописи и да се зголеми безбедноста на патниците во патниот сообраќај.
На состанокот присуствуваа претставници на автопревозниците, надлежни инспектори за патен сообраќај од Општина Куманово и државен инспектор за патишта при Министерството за транспорт.
Од СВР Куманово информираа дека средбата е организирана по подолг период без вакви состаноци во проширен состав, со цел превозниците навремено да бидат запознаени со неправилностите и пропустите што треба да ги отстранат.
– Ги повикавме сите автопревозници кои се занимаваат со јавен превоз на патници, градски, меѓуградски, меѓуопштински и меѓународен, со цел превентивно да им укажеме дека сите неправилности, непочитувањето на законските правила и норми треба да се елиминираат во најкраток можен рок. Државниот инспектор за патишта при Министерството за транспорт ќе има организирани контроли и ќе бидат преземени мерки. Кога возилата ќе тргнат на пат, треба да бидат технички исправни и да ја поседуваат целокупната потребна документација – изјави Лиле Младеновска од Отсекот за превенција од СВР Куманово.
Од Отсекот за превенција нагласија дека безбедноста на патниците е приоритет и дека со ваквите активности се настојува да се спречат сообраќајни незгоди со тешки последици и човечки жртви.

Државниот инспектор за транспорт Бојан Антиќ информираше дека автопревозниците ќе добијат чек-листи со потребната документација што треба да ја поседуваат зависно од видот на превозот, меѓуопштинскиот или меѓународниот.
– Автопревозниците денеска уште еднаш ќе се запознаат со своите законски обврски. Ова е превентивна активност, а ќе добијат и потребни чек-листи со документи што треба да ги поседуваат за одреден вид превоз, без разлика дали станува збор за меѓуопштински или меѓународен превоз, над кој вршиме контрола – рече Антиќ.
Надлежните најавија дека при контролите ќе се проверува исполнувањето на законските услови за вршење јавен превоз, при што нема да има толеранција за утврдените неправилности.

