Општина Делчево е добитник на националната награда „Младински пријателски град“ (Youth Friendly Town) за 2026 година, со што е единствената општина од Источниот плански регион која го доби ова признание.
Наградата е доделена врз основа на национално истражување во кое бил оценуван напредокот на општините во исполнувањето на законските обврски, како и во унапредувањето на младинските политики и младинската работа. Вкупно биле доделени осум награди, по една за секој плански регион во државата.
Признанието беше свечено доделено денеска во Младинскиот центар во Охрид, во рамки на Четвртиот Национален форум за младинска работа, кој се одржува под мотото „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!“.
Од Општина Делчево посочуваат дека ова признание претставува поттик за продолжување на активностите насочени кон создавање подобри услови и повеќе можности за младите, нивно активно вклучување во локалната заедница и поддршка на нивните идеи и иницијативи.
Наградата е посветена на младите од Делчево, нивниот потенцијал, талент, амбиција и придонес во развојот на градот, со заложба Делчево да биде средина во која младите ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи, да создаваат и да ја градат својата иднина.

