Со презентација на процесот од истражувачката резиденција „Другиот споменик“ вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) започнува есенското издание на Перформанс Платформа фестивалот (ППф) 2026.
Како што соопштуваат организаторите, овогодишното есенско издание, кое се одвива во време на социополитички предизвици, е фокусирано на отворање простор за алтернативни и критички гледишта преку уметноста. Политиката на фестивалот се темели на соработка, споделување ресурси и проширување на перформансот како критичка уметност способна да креира заеднички простори и нови размислувања.
Програмата започнува во 18:00 часот со презентацијата на меѓународниот тим уметници и кореографи (Рене Шадлер, Емил Ертл, Сороа Леар, Марија Савеска, Дени Жерновска и Камил Лакаде), кои преку танц и движење ги истражуваат маргинализираните тела, телесните искуства на лицата со попреченост, транс-лицата и жените, преиспитувајќи ги статичните херојски претставувања во јавните простори.
Централниот дел од програмата е закажан за 12 и 13 ноември, кога ќе се реализира програмата „Што наследуваме, што одново замислуваме“, креирана во рамките на меѓународната школа „Курирање во контекст“. Низ просторите на МКЦ посетителите ќе можат да следат низа перформанси, курирани дискусии, тркалезни маси и работилници од млади домашни и регионални уметници и куратори, меѓу кои Мартина Даниловска, Антонија Димитриевска, Теодора Ежовска, Ангела Георгиевска, Крсто Глигорјадис и Ана Лазаревска.
Фестивалското издание ќе заокружи на 23 ноември со специјална соработка помеѓу ППф и Млад отворен театар (МОТ). Во заедничка програма ќе бидат претставени предавањето-перформанс „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ на Викторија Илиоска и перформативното драг-предавање „Мочуришна драма (АТ)“ на Марија Хубер, кои преку квир раскажување и споделена ранливост ги истражуваат темите на меѓусебна поддршка и издржливост во бурни времиња.

