Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска присуствуваше на работниот состанок организиран во рамките на програмата Falcon, во соработка со глобалната компанија BAE Systems и со поддршка од Амбасадата на САД,на кој беа презентирани резултатите од спроведената процена и теренските анализи на ИТ-системите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Како што посочуваат од МЕРМС, експертите од BAE Systems го оценија ИТ-тимот на Министерството како еден од најподготвените со кои досега соработувале истакнувајќи ја неговата висока посветеност на кибербезбедноста и доследната примена на меѓународните стандарди.
– Потенцирајќи ја важноста на дигиталната заштита во енергетиката, на состанокот се разговараше за воспоставување секторски Центар за безбедносни операции (SOC), како и за можностите за негово финансирање преку европските фондови и реформската агенда – велат од МЕРМС.
Со воспоставувањето на овој центар, целта е институциите во енергетскиот сектор навреме да ги препознаваат киберзаканите и да реагираат координирано, со што ќе се зачува континуитетот на испораката на енергетски услуги за граѓаните и стопанството.

– Заштитата на ИТ-инфраструктурата е клучна за нашата енергетска стабилност. Со градењето на овој секторски центар и со поддршка од нашите стратешки партнери обезбедуваме современа заштита од дигитални закани и гарантираме непречено функционирање на енергетскиот систем – истакнала министерката Божиновска.
На состанокот уште еднаш беше потврдено Стратешкото партнерство и заедничките напори за зајакнување на критичната инфраструктура и енергетската безбедност на земјата.

