– Во спортската сала „Гоце Делчев“ во Општина Илинден денеска е отворен 15. Меѓународен џиу-џица турнир „Скопје Опен 2026“ во организација на Македонската џиу-џица федерација.
Оваа година турнирот има рекорден број од над 400 натпреварувачи од 24 клубови и седум држави – Македонија, Грција, Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија.
-Учествуваат натпреварувачи од различни возрасни категории, во машка и женска конкуренција, кои имаат можност да ги покажат своите спортски вештини, подготвеност и натпреварувачки дух, информира Општина Илинден, посочувајќи дека рекордниот број учесници е „потврда за континуираниот раст и меѓународното значење на овој турнир“.

На свеченото отворање присутните ги поздрави градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, кој и официјално го означи почетокот на турнирот, истакнувајќи ја важноста на спортот за развојот на младите.
-Општина Илинден останува посветена на поддршката и развојот на спортот, преку создавање квалитетни услови за одржување спортски натпревари, поттикнување на младите да се занимаваат со спорт и промоција на општината како домаќин на значајни домашни и меѓународни спортски настани, се наведува во соопштението на Општина Илинден.

