Двајцата осомничени за манипулации со електронските индекси на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип добија осумдневен притвор. Судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за притвор на 44-годишниот Р.Т., раководител на е-индексот, и 44-годишната М.М.Н., советничка во студентската архива.
Двајцата се осомничени за компјутерска измама и злоупотреба на службената положба, а според Обвинителството, противправната имотна корист од манипулациите засега се проценува на 21.000 евра.
Според МВР, раководителот на е-индексот подолг период земал пари од студенти од Турција за да им овозможи пријавување и полагање испити по истекот на роковите. Осомничен е и дека бришел оценки и кредити од електронските индекси за студентите да можат да запишат нов семестар или година, како и дека внесувал податоци за наводно платена школарина. Според Обвинителството, сомнителните активности се одвивале во период од пет години, од 2021 до 2026 година.

