Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против одговорно лице – управител на друштво за вршење технички прегледи на моторни возила, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според прибраните докази, постојат основи на сомнение дека пријавениот, во својство на одговорно лице – управител, во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, искористувајќи го овластувањето на друштвото за вршење технички прегледи на моторни возила, противправно присвоил парични средства наплатени од физички и правни лица при регистрација на моторни возила, наменети за повеќе субјекти врз основа на јавни давачки.
На овој начин, на правниот субјект му прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од речиси 700 илјади евра, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

