Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Брисел учествуваше на самитот за проширувањето на Европската Унија во организација на „Евроњуз“ (Euronews), на кој нагласи дека дијалогот со ЕУ мора да биде суштински и рамноправен.
– Сиљановска-Давкова потсети на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, со кое беше утврдено дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање, особено во поглед на уставното уредување и заштитата на човековите и малцинските права. Според неа, по повеќе од три децении, прашањето зошто едната држава е членка на Европската Унија, а другата сè уште чека на својата европска перспектива, упатува на отсуството на политичка волја кај одредени соседи – соопштуваат од претседателскиот Кабинет.
Осврнувајќи се на уставните измени, претседателката истакнала дека во 2018 година, со преспанскиот договор, државата го промени уставното име, при што на граѓаните им било претставено дека станува збор за последната пречка на патот кон европската интеграција.
Таа нагласила дека повторното барање за промена на Уставот, досега менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок, не може да го гарантира оти одлуката е во надлежност на Собранието, а нејзиниот легитимитет извира од граѓаните.
Според неа, Европската Унија не е само политичка и бирократска машинерија, туку заедница на вредности и принципи. Повикувајќи се на одредбите од основачките документи на ЕУ, кои се однесуваат на почитување на националниот и културниот идентитет, таа посочила дека различноста е една од темелните вредности на европското единство.

Надоврзувајќи се на претходниот говорник, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, таа потсетила дека македонската држава очекува еднаков третман со другите земји кандидатки, заснован врз примена на истите правила и стандарди.
Таа исто така очекува рамноправно вклучување во подготвителните активности за пристапните преговори и можност за напредување во согласност со исполнетите услови.
Претседателката се осврна и на потребата од суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој и двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.
Според неа, политичката волја не може постојано да се очекува само од земјите кандидати, туку треба да се покаже и од страна на Унијата, особено во изнаоѓањето креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.
Како можност за придвижување на процесот, Сиљановска-Давкова гледа во постепената интеграција преку пристап до единствениот пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики.

Претседателката истакнала дека државата има целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, а како кредибилна членка на НАТО има јасна евро-атлантска определба.
– Во однос на реформите, таа оцени дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, а и поттик од Европската Унија – додаваат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Говорејќи за односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова потсетила на досегашните средби со бугарските претседатели и владини претставници истакнувајќи дека ќе продолжи да се залага за дијалог.
Самитот беше посветен на следната фаза од проширувањето, напредокот на земјите кандидатки и реформите, како и на институционалните предизвици пред земјите аспирантки и Европската Унија.
Во рамките на посетата Сиљановска-Давкова ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE) во Монс. Предвидени се средби и со претставници на европските институции.

