По Артан Груби, и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, излегува на слобода. Првообвинетиот во судскиот случај со милионскиот криминал во Лотарија за пет дена ќе биде слободен, откако понудил гаранција од над еден милион и 140 илјади евра во недвижен имот.
Одлуката е донесена по предлог на одбраната на Бајрами, поднесен на 14 октомври, за замена на мерката притвор со гаранција. Судот го усвои барањето, но истовремено му определи и дополнителни мерки на претпазливост: одземање на патната исправа, забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница и редовно јавување во судот.
Бајрами на 9 септември сам се јавил на издржување на мерката притвор во затворот „Скопје“. Законскиот рок за нејзиното траење истекува на 8 ноември.
Надлежниот јавен обвинител и останатите странки се откажале од правото на жалба, поради што решението станало правосилно. Обвинетиот ќе биде ослободен од затворот по впишувањето на хипотеката во Катастарот на недвижности.

