Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари проштална средба со амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која му се заблагодарил за досегашната соработка и личниот придонес на амбасадорот во унапредувањето на односите меѓу Собранието и Мисијата на ОБСЕ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, тој истакнал дека ОБСЕ, преку своето долгогодишно присутност во С. Македонија, е важен и конструктивен партнер на институциите во процесот на јакнење на демократијата, владеењето на правото и инклузивното општество.
Претседателот укажал дека со поддршка и помош на ОБСЕ се зајакнала парламентарната независност, надзорната функција, како и демократската улога на Собранието.
Амбасадорот Вал, од своја страна потенцирал дека е важно да се продолжи со понатамошно јакнење на улогата на Собранието како централна демократска институција, особено во однос на контролата и надзорот над извршната власт, транспарентноста на институциите, отчетноста и зголемувањето на довербата на граѓаните во демократските процеси.

-Двајцата соговорници се согласија дека инклузивноста, еднаквоста и почитувањето на правата на сите заедници остануваат од особено значење за политички дијалог и за градење доверба меѓу различните заедници, а искуството и поддршката на ОБСЕ во оваа област се особено вредни – стои во соопштението.
На крајот на средбата Гаши истакна дека амбасадорот Вал е одличен познавач на приликите во земјава како и во регионот, дека е докажан пријател на нашата земја и во иднина може да се смета на негова поддршка и соработка во зависност од неговите нови должности – додаваат од Собранието.

