Национална консултација за новиот закон за лекови се одржа денеска во организација на Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација.
– Законот за лековите е донесен во 2007 година и има повеќе од 20-ина измени и сега сме пред конечно носење нов закон, кој ќе го покрие само подрачјето за лекови бидејќи со одлука медицинската опрема ќе биде во посебен закон. Во наредна фаза планираме од законот за лекови да го одвоиме и законот за фармацевтска или аптекарска дејност бидејќи сакаме да ги издвоиме лековите од дејноста. Промените сакаме да ги направиме преку процес на консултации – изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Посочи дека консултациите се одвиваат со сите засегнати страни, пациенти, фармацевтската дејност, со индустријата, клиничките фармацевти, лекарите, односно сите засегнати страни да имаат увид во она што се предлага, потоа ќе ги сумираат тие забелешки и може да имаат индивидуални консултации во зависност од потребите.
– Со овој закон сакавме да постигнеме две клучни цели. Прво, да одговориме на клучното прашање за пациентите, да имаат лекови што ќе бидат навремено достапни, безбедни за употреба и квалитетни и да ги има сите неопходни информации за нив. Оттука, посебно внимание во законот е предвидено за пријавување дефектури, односно недостиг на лекови, и предвидување резервни планови, план Б, што во случај ако се јави привремен или траен недостиг на одреден лек, исто така пријавувањето на несаканите последици од лековите е во една нова постапка. Вториот критериум што ни беше многу важен е, конечно, да се согласиме со европската регулатива – рече Клековски.
Појасни дека прават значаен исчекор во усогласување со неколку директиви и регулации на Европската Унија.
– Максимално сме усогласени во тој дел. Дополнително, се усогласуваме и со Советот на Европа во однос на фалсификуваните лекови. Првпат за фалсификување лекови е предвидено и кривично дело, што секако ќе мора да го усогласиме и со Кривичниот законик. Ова е важно прашање за безбедноста на пациентите и посветивме соодветно внимание на тоа. Имавме целосна поддршка од Светската здравствена организација во нацрт-планот на овој процес и нивно учество, за што сум благодарен. Благодарен сум ѝ на работната група што го водеше процесот и оттука натаму ќе ги вклучиме сите забелешки и законот, конечно, ќе влезе во владина процедура. Многу бргу очекувам и другите законски решенија што произлегуваат од ова подрачје да влезат во процедура – потенцира Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали со новото законско решение ќе се надминува тој вакуум-простор што го има сега на одредени клиники, конкретно на Онкологија, каде што често топката се префрла кон доставувачите бидејќи тие не испорачуваат лекови и дали со овој закон или со Законот за јавните набавки ќе се може да се планира и подолгорочна набавка на лекови на две или три години, тој рече дека во однос на јавните набавки секогаш здравствената установа има можност да ги планира набавките повеќeгодишно.
– Во Министерството за здравство планираме да испратиме една препорака и да имаме заеднички состанок со Фондот за здравствено осигурување и финансиските проекти да се прават на неколку години, како што сите буџетски институции ги прават своите проекти на пет години, но секако секоја година посебно се преговара. Законот нуди решение за пријавување и предвидување на дефектурите, на пример, сега во моментот имаме трајна дефектура (дефицитарност) на лекот „декотин“ и соодветно на законот ќе има предвидена процедура што во тој случај, дали ќе има заменски лек, дали ќе има некој друг план, истакна Клековски.
Посочи дека најголем дел од недостатоците се предвидливи, значи тие не се непредвидливи или е поради стопирање на производство на светско ниво или поради прекин на производство на одреден лек или добавувачите знаат дека лекот ќе доцни еден, два, три месеци, така што не е нешто што е непредвидливо, само треба поголема дисциплина и ред во пријавувањето и во информирањето, а треба да пријавуваат носителите на одобрението.
– Во основа секоја терапија мора да има алтернатива, значи не може да биде една единствена терапија. Сите казни мора да бидат предвидени во договорот за набавка, значи не можат да бидат надвор од договорите за набавка, во договорите што министерството ги склучува, има такви одредби за доцнење и за неиспорака. Тоа се мора да биде предвидено со договорите и обврска на секоја здравствена установа посебно, рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе има нови лекови на позитивната листа, дали ова ќе овозможи стари лекови кои на други места не се користат со децении и кај нас да прекинат да се користат, дали ова ќе ги забрза некако работите и е чекор напред, рече појасни дека тоа е чекор напред, бидејќи се поедноставуваат одредени регистрациски прашања.
– Досега за регистрациски прашања имавме колебање на фармерските компании да бараат одреден лек да биде ставен на позитивна листа. Нормално вклучувањето на одреден лек на позитивна листа е прашање на достапни финансиски средства. Неколку пати имам кажано едно од работите кои со законот се регулира и е евидентирањето на потрошените лекови во Македонија кои се неопходни за правење на анализи за какви одлуки станува збор, бидејќи кога Фондот и Министерството носат одлука за вклучување на одреден лек мора да ги знаат финансиските импликации на секоја одлука. Значи има повеќе решенија што ќе го унапредат тој дел, истакна Клековски и додаде дека очекува во 2027 година да има нови лекови на позитивната листа.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) и шеф на регионалната канцеларија на СЗО во државава, д-р Аким Али рече дека модерните лекови се лекови за кој што граѓанинот мора да биде сигурен дека се безбедни и ефективни.

– Законите како овој конкретно кој што го дискутираме денеска за лекови се токму тие кои што помагаат тоа да се обезбеди, лековите да бидат ефективни и безбедни и да бидат достапни за обичниот човек. Законите се тие кои ја уредуваат оваа проблематика со цел граѓанот да не мора да плаќа дополнителни трошоци од сопствен џеб за да ги за да може да си ги дозволи овие лекови. Навистина многу ја ценам работата која Министерството за здравство ја извршува во соработка со Малмед и останатите експерти кои работат на ова поле и експертите кои се обидуваат да видат дали лековите во Македонија се ефективни и функционираат во дадениот контекст, рече Али и додаде дека СЗО ќе продолжи да дава поддршка на државава.
Посочи дека се тука во сите фази од работата на сите групи закони кои ќе се донесуваат и менуваат во овој период. Важно е, појасни, да се земе предвид овој закон кој има заштитна функција и овозможува достапност на лековите.
– Многу ми се допаѓа тоа што во рамките на самиот закон има изјава во врска со тоа колку често ќе се ажурира листата на лекови кое само по себе има огромно влијание врз фармацевтскиот систем, влијание кое што ќе овозможи лековите да бидат како што кажав безбедни и достапни. Продолжуваме со нашата соработка со Министерството за здравство, додаде Али.

