Три научни тома, значајни за развојот на македонската историска лингвистика, индоевропеистиката и етимологијата, беа претставени денеска на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Директорката, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, и проф. д-р Гоце Цветановски во изјава за медиумите се осврнаа на значењето на овие дела.
– Денес, имаме особено задоволство да претставиме три научни тома што имаат значење за развојот на македонската историска лингвистика, индоевропеистиката и етимологијата. Станува збор за двотомната монографија „Индоевропеистика и етимологија“ и „Поимникот на индоевропеистичка, историско-лингвистичка и етимолошка терминологија“ од Гоце Цветановски. Значењето на овие изданија е во систематското разработување на научните методи за проучување на потеклото и историскиот развој на јазиците, како и во обезбедувањето јасна и доследна терминолошка основа на македонски јазик. Нивната посебна вредност за македонистиката произлегува од поврзувањето на индоевропските и словенските јазични истражувања со прашањата за историскиот развој, јазичните контакти и етимолошкото проучување на македонската лексика – истакна Јованова-Грујовска.
Таа нагласи дека овие дела претставуваат меѓусебно поврзана теориска, методолошка и терминолошка основа, значајна и за понатамошната работа врз националниот научноистражувачки проект „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, финансиран од Министерството за образование и наука.
– Двотомната монографија „Индоевропеистика и етимологија“ опфаќа 34 поглавја, во кои се разработуваат основните прашања на историско-споредбеното проучување на јазиците, нивната генетска сродност, историскиот развој и етимолошките истражувања. Првиот том е посветен на теориските и методолошките основи на индоевропеистиката. Во него се разгледуваат историско-споредбениот метод, реконструкцијата на праиндоевропскиот јазик, гласовните закони, фонолошките и морфолошките структури, развојот и класификацијата на индоевропските јазични гранки. Ваквиот пристап овозможува јазичните појави да се разгледуваат во нивната историска поврзаност, врз основа на утврдени научни методи и јазични закономерности. Вториот том го насочува вниманието кон прасловенскиот јазик, историскиот развој на словенските јазици, балтословенските односи и балканските јазични контакти. Во овој контекст се разгледува и историската положба на македонскиот јазик, неговото словенско наследство и влијанието на повеќевековните контакти со другите балкански јазици – додаде Јованова-Грујовска.
Беше истакнато дека особено значаен е методолошкиот пристап кон проучувањето на потеклото на зборовите.
– Етимолошката анализа не се сведува на утврдување формални сличности меѓу зборовите, туку подразбира разгледување на историските потврди, гласовните соодветства, семантичките промени и меѓујазичните контакти. Ваквиот пристап е важен за научното разграничување на наследената словенска лексика, заемките и зборовите создадени со домашни зборообразувачки средства. Посебно место меѓу овие изданија зазема „Поимникот на индоевропеистичка, историско-лингвистичка и етимолошка терминологија“, кој претставува научно-терминолошко дело наменето за систематизација, дефинирање и разграничување на стручните поими од овие области – рече Јованова-Грујовска.
Поимникот е организиран во два меѓусебно поврзани дела.
– Првиот, „Јазици, дијалекти и сродни поими“, опфаќа називи на јазици, дијалекти, јазични семејства и групи, историски и реконструирани јазични фази и книжевни традиции. Вториот, „Лингвистички и етимолошки термини“, содржи одредници од историската лингвистика, етимологијата, фонетиката, фонологијата, морфологијата, семантиката, лексикологијата, лексикографијата и сродните дисциплини – посочи Јованова-Грујовска.
Беше кажано и дека одредниците се распоредени по азбучен ред и содржат англиски терминолошки еквиваленти, дефиниции, класификациски определби и објаснувања. Неговото значење, како што се нагласи, е особено изразено во прецизирањето на македонската научна терминологија и во разграничувањето на генетските, историските, географските и ареалните јазични категории. Со тоа беше истакнато и дека Поимникот може да послужи како референтна литература за научните истражувања, универзитетската настава и лексикографската работа.
За Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, објавувањето на овие три тома има и пошироко институционално значење.
– Тие придонесуваат кон развивањето на научната инфраструктура неопходна за историското и етимолошкото проучување на македонскиот јазик и создаваат основа за понатамошни истражувања во рамките на македонистиката. Особено е важно што научните сознанија од индоевропеистиката, историската и споредбената лингвистика се обработуваат и терминолошки се претставуваат на македонски јазик. На тој начин се прошируваат можностите за научно истражување, стручно образование и развој на македонската лингвистичка мисла – рече Јованова-Грујовска.
Таа истакна дека значењето на овие изданија не се исцрпува со нивното објавување. Нивната вредност, како што посочи Јованова-Грујовска, е и во можноста да бидат користени како научна и стручна литература при идните истражувања на потеклото, историскиот развој и лексичкото богатство на македонскиот јазик.
– Во име на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје му честитам на авторот Гоце Цветановски за вложениот труд и за објавувањето на овие значајни научни изданија – додаде Јованова-Грујовска.

