Историско зголемување на платите во Армијата за 10%. Од јануари секој вработен во АРМ ќе добие зголемување на основната плата, а ќе се исплаќаат и ноќната смена и прекувремените часови. Во просек, примањата би се зголемиле од 4.000 до 11.000 денари.
„Со овој чекор, според примањата, навистина стануваме една од најдобрите институции во државата“, рече министерот Мисајловски.
Синдикатите се задоволни од најавеното покачување и истакнаа дека се направени сериозни реформи и во делот на изработката на колективниот договор, кој е во завршна фаза.
„Вака изгледа вистински социјален дијалог. Како репрезентативен синдикат, се гордееме со постигнувањата во овој период“, изјави Синиша Станчевски – Синдикат за одбрана.
„Моментално две придобивки се решени, работиме и на третиот случај со колективниот договор, каде мислиме дека во текот на оваа или другата недела ќе го завршиме, каде сите вработени во АРМ ќе ги уживаат сите права и уште поголеми согласно постоечкиот и идниот колективен договор“, изјави Аднан Алити – Синдикат на професионални војници.
Министерот најави дека буџетот за 2027 година ќе се зголеми за две милијарди денари, а ќе остане ставката од 30 проценти да одат за модернизација и капитални инвестиции.
„Ќе се прави Домот на Армијата, веќе сме во постапка за распишување на хотелот „Шар“. Во секоја една касарна ќе има повеќе објекти кои ќе ги реконструираме, купување на ново оружје, следниот месец се очекува да стигнат хеликоптерите. Многу средства се одвојуваат за да бидат над 2% од буџетот. Секоја земја има проблеми да ги достигне овие проценти, најголемите земји не можат да ги стигнат“, изјави Владо Мисајловски – министер за одбрана.
За протестите на армиските ветерани, закажани за 7 ноември, Мисајловски појасни дека секој има демократско право да протестира, а негова работа е да обезбедува подобри услови. Од Синдикатот на професионални војници негираа дека по 45 години армиските војници остануваат на улица.
„Еве, барем ова ќе го поздрави тој синдикат, иако од првиот ден само негатива шири“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.
„Согласно член 40 од Законот за служба во Армијата, имаме две ставки каде што професионалните војници по наполнети 45 години можат да засноваат работен однос во Министерството за одбрана или да се префрлат во друга институција, каде што ги уживаат сите права до пензија“, изјави Аднан Алити – Синдикат на професионални војници.
Во однос на спојувањето на безбедносните служби, министерот појасни дека конечната одлука е во рацете на пратениците во Собранието, додавајќи дека Министерството за одбрана останува отворено за разговори и консултации.

