Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Алпер Акташ.
Министерот Серафимовски му посака успешен мандат, изразувајќи уверување дека неговиот ангажман ќе придонесе за натамошно продлабочување на традиционално пријателските односи меѓу двете земји.
На средбата се зборуваше за можностите за унапредување на билатералната соработка во земјоделството, со посебен акцент на развој на можности за зголемување на извозот на македонски земјоделско-прехранбени производи на турскиот пазар, соопшти МЗШВ.
– Соработката со Турција би сакал да ја насочуваме кон размена на стручни искуства за климатската адаптација, дигитализацијата и ефикасното користење на водните ресурси. Нивната примена во домашното производство може да придонесе за постабилни приноси и поголема конкурентност на земјоделските стопанства, истакна министерот Серафимовски.
Соговорниците се осврнаа и на можностите за соработка во сточарското производство, како и за продолжување на експертската размена во шумарството и водостопанството, во рамките на постојните билатерални механизми за соработка.

