На Филозофскиот факултет во Скопје денеска ќе се одржи комеморативна седница во чест на проф. д-р Зоран Велковски, кој даде исклучителен придонес кон науката и образованието и човечките вредности по кои ќе остане запаметен меѓу колегите, студентите и пошироката академска заедница. Особено место во неговата работа имаат андрагогијата, образованието на возрасните и доживотното учење – области во кои беше избран како редовен професор и препознаен во национален и меѓународен контекст.
Проф. д-р Зоран Велковски е роден на 01.03.1959 година во Скопје. Високото образование го стекнува на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде дипломира во 1985 година, со дипломска работа посветена на мотивацијата на возрасните за образование. Во 1986 се вработува на Институтот за педагогија – Филозофски факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како помлад асистент. Во 1993 година магистрира на тема „Причини и мотиви за образовната партиципација и образовната неангажираност на возрасните“ а во 1998 година докторира на тема „Андрагошките аспекти на невработеноста во Република Македонија“, на која тема ја посветува и својата монографија Lacrimae Mundi или Солзите на светот.
Бил на специјализација на Sukhothai Thammathirat Open University (STOU), Nonthanburi, Thailand, 1998 во областа на доживотното образование и образованието на далечина.
Во периодот од 1998 до 1999 година ја извршува функцијата директор на тогашниот Педагошки завод на Република Македонија, сегашно Биро за развој на образованието. Неговите одговорности вклучувале развој на наставните планови и програми, обука на наставниците, унапредување на човечките ресурси и следење на педагошката работа на училиштата. Како директор во тој период, директно е инволвиран во координацијата на реформите во предучилишното, основното и средното образование, како и во меѓународната соработка и издавачката дејност.
Од 1999-2004 година раководи со Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, а во неговиот професионален ангажман се бележи и раководството на студиската програма од втор циклус студии по Менаџмент во образованието.
Од 2004 до 2008 година ја врши функцијата проректор за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во овој период Универзитетот ја доживува неговата најголема трансформација, а неговиот професионален фокус е насочен кон спроведувањето на Болоњскиот процес и воведувањето на Европскиот кредит-трансфер систем, развојот на современите студиски програми и универзитетските политики во согласност со Европските индикатори за интернационализација и глобализација на високо-образовниот простор.

