Граѓаните во Бугарија денеска одлучуваат кој ќе биде новиот претседател на државата. Тие во изборната трка избираат меѓу актуелната вршителка на должноста претседателка, Илијана Јотова, и поранешниот привремен премиер и некогашен гувернер на Народната банка, Андреј Ѓуров.
„Денеска гласав за една сигурна, стабилна и европска Бугарија. Бугарија која го направи својот цивилизациски избор и треба да го отстојува јасно, достојно и уверено. Проведовме една многу позитивна, чесна и отворена кампања. Го видовме резултатот од првиот круг – тој ни ги отвора вратите за денеска да го направиме нашиот избор: да ја избереме иднината, а не минатото“, вели Андреј Ѓуров, кандидат за претседател на Бугарија.
„Гласав за тоа да им оставиме на вас, младите луѓе и на сите бугарски граѓани, мирна иднина во која секој ќе може да се развива и да ги штити своите интереси, а ние како одговорни управници да направиме така што нашите деца да останат во Бугарија, без страв од несигурност и нестабилност“, вели Илијана Јотова, кандидат за претседател на Бугарија.
Јотова е кадар од старата политичка гарда. Како потпретседателка и соработничка на Румен Радев, таа ја турка истата цврста линија со години. Нула попуштање кон Македонија, остар однос кон Западот кога станува збор за националните интереси и чување на моќта во рацете на претседателскиот кабинет. Ѓуров е помлад реформист и човек на Кирил Петков од партијата „Продолжуваме со промената“. За разлика од Јотова, тој сака посовремена и поотворена Бугарија, подобри односи со европските партнери и бизнис-пристап во политиката.
Сепак, независно е кој ќе ја освои претседателската функција во Бугарија, официјална Софија нема да ја промени својата политика кон Македонија. Ова е главниот заклучок од единственото соочување меѓу Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, кои ги кршија копјата околу францускиот предлог и улогата на поранешниот премиер Кирил Петков. Иако се на спротивни политички страни, двајцата кандидати се согласни дека европскиот пат на Македонија зависи од исполнувањето на бугарските услови. Сепак, жестоко се спротивставија за тоа кој вистински ги заштитил националните интереси кога се кроеше документот.
Од друга страна, кандидатот на опозицискиот реформски блок, Андреј Ѓуров, ја критикуваше претседателската институција, истакнувајќи дека токму неговата влада успеала да го преточи оспоруваниот француски предлог во заедничка европска политика. Во меѓувреме, ставот на актуелната македонска влада останува цврст и непроменет. Нема да има никакви отстапки во однос на македонскиот национален идентитет.

