Младите да останат во Македонија, тука да ја добијат првата шанса за градење кариера. Владата и Меѓународната организација на трудот ја потпишаа новата Национална програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година. Целта на програмата е да се создадат поквалитетни и посигурни работни места кои ќе ги мотивираат младите да работат во земјата и да ги развијат своите професионални кариери дома. Според премиерот Мицкоски главните предизвици се недостигот на квалификувана работна сила, иселувањето и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на стопанството како и родовата еднаквост.
„Не сакаме младите да ја гледаат својата иднина единствено надвор од својата татковина. Сакаме тука да ја добијат својата прва шанса, да градат кариера и да ги остваруваат своите амбиции. Мораме да создадеме и повеќе можности за економско зајакнување на жените и за нивно поголемо учество на пазарот на трудот“, изјави Христијан Мицкоски, премиер
Документот предвидува измени во трудовото законодавство, модернизација на институциите, посилен инспекциски надзор и развој на вештини што одговараат на потребите на пазарот. Меѓу планираните мерки се и поддршката за малите и средните претпријатија, зголемувањето на продуктивноста и намалувањето на неформалната економија.
„Со заедничка работа можеме да создадеме квалитетни работни места, да ги зајакнеме институциите на пазарот на трудот и да го поддржиме развојот на одржливи претпријатија“, изјави Клер Харасти, директорка на МОТ за Централна и за Источна Европа
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека успехот на програмата ќе се види преку конкретните промени кои ќе ги почувствуваат работниците и компаниите.

