Започна опремувањето на новата детска градинка во населбата Расадник во Делчево, каде денеска пристигна првиот дел од опремата наменета за дистрибутивната и млечната кујна.
Во текот на ноември се очекува да биде испорачана и преостанатата опрема, со што објектот ќе биде комплетно опремен и подготвен за реализација на следните фази пред започнувањето со работа.
Вкупната вредност на опремата изнесува 3,7 милиони денари, а средствата се обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Покрај опремата за кујните, набавката опфаќа мебел, инвентар и дидактички средства потребни за создавање функционална и безбедна средина за престој, игра и развој на децата.
Новата детска градинка во Расадник е проектирана за капацитет од 130 деца, распоредени во шест воспитни групи за деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи.
Објектот организациски и функционално ќе биде дел од постојната Јавна установа „Весели цветови“, при што ќе има услови за самостојно и независно функционирање во секојдневното згрижување на децата.
Според градоначалникот Иван Гоцевски, со ставањето во функција на новата градинка ќе се зголемат капацитетите за згрижување на децата од предучилишна возраст, а се очекува да се придонесе и кон надминување на проблемот со листата на чекање.
Новата градинка, како што е наведено, ќе обезбеди подобри услови за раниот детски развој и предучилишното воспитание, а истовремено ќе претставува поддршка за семејствата и можност повеќе родители полесно да ги усогласат семејните и работните обврски.
Објектот во населбата Расадник претставува значаен инфраструктурен објект за Делчево и е предвиден да придонесе кон подобрување на условите за детска заштита и создавање поголеми можности за развој на најмладите.

