Министерството за дигитална трансформација (МДТ) ги разгледува со должно внимание сите наоди и препораки на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кои ги сметаме за важен инструмент за подобрување на институционалното работење, финансиската дисциплина и транспарентноста – се вели во реакцијата од Министерството на денеска објавениот извештај на ДЗР за ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за сметка на основен буџет (637) за 2024 година на МДТ.
– Повеќето од констатираните проблеми се наследени состојби од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кои се акумулирале со години, а некои од нив повеќе од една деценија. Новото Министерство за дигитална трансформација, формирано во 2024 година, наследи нецелосни евиденции, нерешени имотноправни прашања, судски постапки и административни пропусти, кои претходно не биле соодветно адресирани. Особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација. Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност – се вели во рекацијата.
Се наведува дека Министерството веќе презема активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот.
– Некои од забелешките се веќе надминати, а за другите се спроведуваат конкретни корективни мерки. Дополнително, Министерството наследи и повеќе судски постапки, кои произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години. Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски, кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат – се посочува во реакцијата.
Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, како што се посочува, Министерството веќе даде одговор на ДЗР дека станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што Мнистерството е корисник (чистење и обезбедување објекти, службени патувања и телефонија).
– Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат поради разликата во висината на платите во државниот и приватниот ИТ-сектор. Зајакнувањето на административните и на стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството. Нашиот пристап не е проблемите да ги прикриваме или да ги оставаме на некое следно раководство. Напротив, решени сме да го расчистиме институционалното наследство, без оглед колку долго овие прашања биле занемарувани – се потенцира во реакцијата.
Се додава дека Министерството за дигитална трансформација останува целосно отворено за соработка со Државниот завод за ревизија и за спроведување на неговите препораки.
– Наша обврска е паралелно со развојот на новите дигитални услуги и модернизацијата на државата да изградиме и институција со уредна евиденција, законито работење и одговорно управување со јавните средства – се наведува во соопштението од МДТ.

