Денешните вонредни парламентарни избори во Србија ги одбележува голема излезност.
Гласачките места беа отворени од 7:00 часот, а граѓаните можат да гласаат до 20:00 часот.
Невладината организација Центар за слободни избори и демократија – Цесид и Ипсос соопшти дека врз основа на примерок од 750 гласачки места, до 17 часот проценета излезност е 60,9 проценти.
Изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ соопшти дека до 17 часот гласале 61 отсто од избирачите.
Според последниот извештај на Републичката изборна комисија, до 16 часот гласале 56,38 проценти од вкупниот број избирачи. На изборите во 2023 година, излезноста била 42,36 проценти до 16 часот.
Според невладиниот Центар за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) до 16 часот, 56,4 проценти од лицата со право на глас излегоа на предвремените парламентарни избори (маргина на грешка +/-0,9), што е значително повисоко отколку во 2023 година, кога излезноста во исто време беше 42,1 процент.
Студентската листа „Студентите победуваат“ информира дека до 16 часот гласале 54,7 отсто од избирачите.
Домашните и меѓународните набљудувачи информираат дека се евидентираат голем број нерегуларности, а според Црта се зголемуваат и насилните инциденти надвор од гласачките места. Според Цесид најголемиот дел од неправилностите се фотографирање гласачки ливчиња, семејно и групно гласање, тешкотии со идентификација на гласачи, неисправни УВ ламби, како и проблеми во организацијата на работата на избирачките одбори и спроведување гласање надвор од избирачко место.
На денешните предвремени парламентарни избори во Србија право на глас имаат 6.451.292 гласачи, а изборите се одржуваат на 8.392 гласачки места, од кои 29 се во установи за извршување на институционални санкции и 93 во странство во 37 земји.

