Заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Арбен Јашари, учествуваше на високорангираниот меѓународен состанок на Европската коалиција против дрога (ECAD), што се одржа во заедницата Сан Патрињано во Италија. На состанокот, на кој присуствуваа министри и високи претставници од 35 земји-членки, се дискутираше за глобалните стратегии за превенција на зависностите, справување со злоупотребата на дрога и зајакнување на меѓународната соработка во оваа област, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

– Со учеството на овој значаен меѓународен собир, Министерството за внатрешни работи ја потврди својата посветеност на заедничките европски напори за превенција, засилена контрола и сузбивање на меѓународната трговија со дрога, како и за унапредување на соработката и размената на искуства меѓу земјите-членки. На завршувањето на состанокот, македонската делегација даде поддршка за усвојување на Конечната декларација на Европската коалиција против дрога, со која се потврдува заедничката определба за зајакнување на меѓународната координација, соработка и одговорност во борбата против зависностите – се додава во соопштението.

