Балканот и повеќе европски земји ги тресат протести и немири, но Македонија засега е безбедна, иако постојат одредени сили кои сакаат нестабилноста да се прелее тука. По предупредувањето од премиерот дека на одредени странски безбедносни служби би им одговарало тука да има проблеми, упатените велат дека безбедносниот систем и службите се подготвени да се справат со овие предизвици. Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски појаснува дека самото тоа што државниот врв е инфомиран дека се подготвуваат нечесни игри и политички авантури, што би можеле да ја загрозат државата, покажува дека службите веќе имаат информации и дејствуваат.
-Безбедносниот систем има капацитет, има знаење и има кадровска можност да ја проследи целата оваа состојба и благовремено да ги информира државните структури, зборам Парламентот, претседателот на државата, премиерот итн. и сите оние најповикани кои што треба во одреден период, во одредено време на појава на такви кризни состојби да преземат одредени безбедносни мерки за да тие бидат попречени, превенирани и да спречи било какво насилство на подрачјето на Македонија, изјави Ѓурчевски.
Дека македонскиот безбедносен систем е подготвен за вакви предизвици, согласен е и универзитетскиот професор по безбедност Злате Димовски. Тој вели дека нормално е надлежните активно да работат во овој сегметн, бидејќи гледаме каква е состојбата во нашите соседни држави.
-Штом ги идентификувале овие појавни облици, а тие постојано ги имаат, меѓутоа ви кажав дека се тоа зависи од самиот нивни интензитет. Очигледно дека во овој случај или сега имаме се повеќе и повеќе ојачани се, затоа што гледате што ни се случува на европско ниво, а да земеме и на нивото околу нас, државите околу нас, секаде ги имаат тие во моментов студентски протести, имате незадоволство на граѓаните, така да веќе кај одредени држави се излезени на улица, што дополнително создава тензии и проблеми по самата безбедност на државата и на другите граѓани, изјави Димовски.
Според Ѓурчевски безбедносните служби веќе имаат искуство од мешање на странски сили во внатрешните работи на работи на државата, како што беше примерот пред 10-тина години со Шарената револуција.
-Треба да бидеме внимателни и претпазливи, иако ние имаме веќе едно исксуство со Шарена револуција, со делување на разузнавачки слубжи кои рушеа легитимно избрана власт. Но, треба да внимаваме за да не дозволиме да ни се повтори една таква состојба, како што ни се случи со Шарената револуција во 2015-та, 16-та и 17-та година, изјави Ѓурчевски.
Во совето обраќање за Денот на македонската револуционерна борба премиерот Мицкоски порача дека нема да дозволи нечесни игри и политички авантури што би можеле да ја загрозат државата. Предупреди дека безбедносните служби на Балканот никогаш не престануваат да дејствуваат и дека не би го изненадиле обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите и нестабилноста на соседните земји.
Матеја Петровски

