Во рамките на теренските посети низ општината, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со претставниците и раководителите на секторите од општинската администрација, одржа работна средба со жителите на урбаната заедница – Кисела Вода, соопштија денеска од локалната самоуправа.
– На средбата најпрво беше направен пресек на досега реализираните активности. Присутните граѓани упатија благодарност за реконструкцијата на урбаната опрема во паркот „Македонија“ и обновеното спортско игралиште на улицата „Димо Хаџи Димов“. Истовремено, позитивно беше оценето и навременото косење на нараснатите тревни површини низ населбата, со што континуирано се одржува јавното зеленило. Во продолжение на дискусијата, фокусот се префрли на тековните предизвици, при што жителите побараа Општина Кисела Вода да интервенира и да посредува кај неколку надворешни институции. Во тој контекст, беше побарана интервенција до ЈСП, претпријатие под ингеренции на Град Скопје, за поместување на автобуската постојка за линијата број 24 – која сообраќа од Тафталиџе кон Кисела Вода – и нејзино поставување спроти маркетот „Жито“. Граѓаните побараа и интервенција до Град Скопје за обележување на пешачкиот премин на улицата „Христо Татарчев“ кај „Солопром“, како и интервенција до МВР за зачестени полициски контроли во делот кај болницата за зависници со цел зголемување на безбедноста – информираа од Општина Кисела Вода.
Што се однесува до барањата во директна надлежност на локалната самоуправа, жителите ја истакнале потребата од воведување на зонско паркирање на територијата на УЗ – Кисела Вода.
– Понатаму, беше побарана реконструкција на кракот на улицата „14. Декември“ зад пазарчето, како и забрзување на процесот околу донесувањето на ДУП за Расадник и планот за Ј-20/10. Меѓу инфраструктурните приоритети беа посочени и реконструкцијата на фекалната канализација на улицата „Мери Бошковска“, реконструкција на два крака во должина од 50 и 100 метри на улицата „Димитар Гешоски“, како и пробивање на оградената патека зад спортското игралиште на „Димо Хаџи Димов“ – се додава во соопштението.
Стручните служби детално ги нотирале сите изнесени барања, со цел истите да бидат анализирани и во најкус можен рок, спроведени во конкретни решенија.

