Можностите за вклучување на грчките институции во развојот на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, преку размена на искуства, програми за обука и пренесување добри практики, биле во фокусот на средбата меѓу министерот за јавна администрација Горан Минчев и новоименуваниот амбасадор на Република Грција во земјава, Јанис Малукос.
Како што соопшти Министерството за јавна администрација, на средбата биле разгледани и можностите за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на реформата на јавната администрација.
Министерот Минчев му посакал успешна дипломатска мисија на амбасадорот Малукос и изразил очекување партнерството да продолжи да се развива преку конкретни иницијативи, размена на искуства и експертска поддршка во реформските процеси.
-Нашата цел е јасна, јавна администрација што работи професионално, одговорно и ефикасно, а граѓаните тоа да го чувствуваат преку услугите што ги добиваат. Затоа ни е важна соработката со партнерите кои можат да придонесат со знаење, искуство и добри практики што ќе ги преточиме во конкретни резултати – истакнал Минчев.
Од Министерството посочуваат дека остануваат посветени на градење партнерства што ќе придонесат за развој на професионални и одговорни административни службеници, поефикасни институции и поквалитетни услуги за граѓаните, со цел реформите да бидат препознаени во секојдневното функционирање на институциите и во квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.

