Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претставници на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС), на која присуствуваа раководителот за меѓународна соработка Флориан Фајерабенд, официјалниот претставник на КАС Даниел Браун и програмскиот директор на КАС во Скопје, Давор Пасоски, соопшти собраниската прес-служба.
Средбата беше и проштална за Браун, кој по шест години на функцијата програмски директор заминува на друга позиција во Фондацијата.
Гаши го честиташе 150-годишниот јубилеј на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и изрази благодарност за личниот ангажман, посветеноста и придонесот на Браун во развивањето на партнерството со Собранието.
Гаши истакна дека, иако ова е последна средба во рамките на актуелниот мандат на Браун, тој и во иднина е добредојден во Собранието.
На средбата беа разменети мислења за досегашната успешна соработка, која се темели на заедничките заложби за демократија, владеење на правото и европските вредности.
Посебно беше нагласена улогата на Фондацијата во поддршката на демократските процеси, парламентарниот дијалог и јакнењето на институционалните капацитети, како и значењето на германските и европските искуства за унапредување на демократската култура и приближување кон европските стандарди.
Стана збор и за европската интеграција и реформските процеси, јакнењето на парламентарната демократија, транспарентноста и конструктивниот политички дијалог.
Гаши ја потврди подготвеноста за продлабочување на соработката со Фондацијата преку заеднички активности, политичко образование, тркалезни маси, дебати и размена на добри практики.
Тој изрази уверување дека досега изграденото партнерство ќе продолжи и во иднина, независно од промените во персоналниот состав на Фондацијата, во интерес на демократскиот развој и европската интеграција на државата.
Претседателот на Собранието му посака успех на Браун во неговите идни професионални ангажмани, изразувајќи очекување дека тој и понатаму ќе остане поддржувач на Северна Македонија и на нејзините европски аспирации.

