Во Собранието денеска Пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Република Куба, Мариета Гарсија Хордан, со седиште во Софија, во придружба на Роберто Вискаино, прв секретар во Aмбасадата.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, покрај претседателот на Групата, Кире Божиновски, присуствувале и членовите Грација Бакрачевска, Соња Мираковска, Емил Спасовски, Амар Мециновиќ и Ријад Шаќири.

Претседателот на Групата, Божиновски истакнал дека парламентарната дипломатија е еден од најважните механизми за градење на мостови на соработка и пријателство, но и за меѓусебна поддршка и размена на искуства во сите области, независно од географската далечина меѓу државите. Тој посочил дека Пратеничката група придава големо значење на натамошниот развој на односите и севкупната соработка со Република Куба.

Амбасадорката Хордан изразил благодарност за средбата и пред присутните ја споделил информацијата за моменталната состојба во која се наоѓа Куба, по овогодинешната блокада од страна на САД.
На средбата соговорниците биле едногласни дека е потребно интензивирање на средбите и соработката меѓу двете земји, во областа на здравството и сите други сфери во општествениот живот.

