Двојно пократко чекање на автобуските постојки и помали гужви во јавниот превоз. Почист воздух и помал сообраќаен метеж. Скопјани со нетрпение ги очекуваат новите електрични автобуси на унгарската компанија „Икарус електрик“ кои, според најавите на министерот за транспорт Николоски ќе пристигнат и порано од договореното. Веќе во јануари е можно првите 30 автобуси да почнат да сообраќаат низ метрополата. Во услови кога јавниот превоз е соочен со многу наследени предизвици, ваквата вест за граѓаните е повеќе од добредојдена:
Првите 30 електрични автобуси се дел од големиот проект за целосна обнова на возниот парк на ЈСП. Вкупно е предвидено да се набават 150 автобуси, од кои 100 за Скопје, а останатите за внатрешноста на државата. Целиот процес на набавка треба да се заокружи најдоцна за година и половина. Набавката опфаќа и 75 станици за полнење, кои треба да ја поддржат работата на новата електрична автобуска флота.
Министерот Николоски уверува дека нема причина за сомнеж во квалитетот на автобусите поради пониската цена и кинеското потекло на дел од нивните компоненти. Како пример ја посочи посетата на чешката компанија „Шкода“, каде што му била презентирана цена од 650.000 евра за еден автобус, речиси двојно повисока од цената на автобусите што ги набавува Македонија.
Повторениот тендер следуваше откако претходната постапка беше поништена со одлука на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На повторената постапка, понудата на „Икарус“ и ЕВН повторно беше избрана како најповолна.

