Долгорочни договори, неусогласени парични влогови, недостатоци во трошењето средства и слабости во контролата на приредувањето интернет и електронски игри на среќа утврди Државниот завод за ревизија при проверката на пет друштва во кои Државна лотарија има 51 отсто сопственички удел. Ревизијата се однесува на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето за 2024 година. Поради утврдените неправилности, ревизорот изразил неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со законите и воспоставените политики.
Кај друштвата за приредување интернет игри на среќа, основани во 2023 и 2024 година, утврдени се разлики во договорените парични влогови, роковите за нивна уплата и начинот на евидентирање. Во договорите за заедничко вложување биле предвидени влогови од вкупно 2,17 милиони евра, кои требало да се уплатат во три рати во период од три години. Сепак, во договорите за основање биле наведени влогови од 771.470 евра, со рок за уплата од една година. За разликите не биле приложени соодветни и веродостојни докази.
Слабости се утврдени и при набавките на софтвер, интернет-платформи со играчки содржини, како и услуги за одржување и техничка поддршка на терминали за видеолотарија. Постапките биле спроведувани врз основа на јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки. Ревизорите утврдиле и недостатоци во документирањето на трошоците за маркетинг, рекламирање, пропаганда и промоција.

