Нови случаи на вандализам и грабежи беа регистрирани во центарот на Париз во вчерашната вечер. Полицијата соопшти дека уапсила повеќе од 100 луѓе и дека биле ограбени пет продавници. Мали групи кои ја искористуваат ситуацијата се движеле низ областа околу населбата Шатле, каде што има голем број продавници, при што полицијата употребила солзавец за да ги растера. Нередите, кои беа во многу помал обем отколку во саботата, продолжиле и по полноќ.
Францускиот премиер, Себастијан Лекорни, денеска ќе одржи кризен состанок на Владата поради немирите во текот на викендот. Во фокусот ќе бидат економијата, осигурувањето и работата на органите за спроведување на законот.
Од друга страна, францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека доколку е потребно, демонстрациите би можеле да бидат забранети.
„Со оглед на моменталната ситуација, префектите ќе носат одлуки во координација со градоначалниците, за да ги заштитат градовите, јавните објекти и продавниците, а таму каде што е потребно, ќе се забранат одредени собири и ќе се преземат сите неопходни мерки“, изјави Макрон во синоќешното телевизиско обраќање, при што ја одби понудената оставка на министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез.
Макрон изјави дека Нуњез треба да остане на должноста за да се зачува командната структура во рамките на полицијата и безбедносните сили. Тој исто така побара од Нуњез што е можно побрзо да осмисли нови пристапи за сузбивање на грабежите.
Повеќе од половина милион луѓе протестираа против растечките трошоци за живот и намалениот квалитет на јавните услуги, вклучително и државното образование. Но, протестите станаа насилни откако се појавија групи маскирани активисти и вандали, облечени во црно. Властите соопштија дека се ограбени и уништени околу 1.500 продавници и деловни објекти.
Полицијата за разбивање на немирите употреби солзавец, палки и водени топови. Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во саботата биле повредени околу 1.000 полицајци, од кои седуммина сериозно, а околу 2.400 луѓе биле уапсени.

