Улицата “Прохор Пчински” во селото Чифлик е комплетно реконструирана и асфалтирана и од денеска може да се користи. Станува збор за проект вреден 12 милиони денари со кои финасиски е покриена ревитализацијата на оваа улица долга 800 метри.
Според градоначалникот на Општината Чешиново – Облешево, Јорданчо Костадинов, низа вакви инфраструктурни проекти се реализирани во првата година, откако тој е на позицијата прв човек на таа Општина.

Помеѓу другите, Костадинов ги спомена асфалтирањето и реконструкцијата на улица во село Кучичино, изградбата на нова улица во населено место Теранци, потоа, реконструкцијата на улицата Сремска во Облешево, лоцирана во централното подрачје, воведувањето на сообраќаен режим со што, исто така во Овлешево, се овозможи побезбедно движење на пешаците.
Во општинскиот центар Облешево извршена е и целосна реконструкција на паркот, додека, пак, во населеното место Спанчево реконструирана и асфалтирана е улицата 1 Мај. Во Спанчево за прв пат по 20 години исчистен е одводниот канал, за кој е направен проект за негово ново урбанистичко решение. Во Соколарци игралиштето е опремено со соодветна спортска подлога, а таму Општината е во фаза на завршување на проект со кој Соколарци комплетно ќе биде покриено со канализациона мрежа.

-Во Чешиново во завршна фаза е изградбата на вториот крак од улицата Маршал Тито, а во селото Бање планираме да изградиме модерен бањолошки центар, за што завршуваме со подготовка на сета потребна документација – нагласи градоначалникот на Општината Чешиново – Овлешево, Јорданчо Костадинов во својата изјава пред претставниците на медиумите.

Денеска во селото Чифлик на пуштањето во употреба на улицата Прохор Пчински присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Тој ја поздрави агилноста на градоначалникот Костадинов и вети владина поддршка и понатаму за проекти кои допрва треба да се реализираат во Чешиново – Облешево.

