Пред самиот крај на жетвата на ориз, нова помош најави премиерот Христијан Мицкоски. Оризопроизводителите ќе добијат дополнителни 8 денари за секој килограм предадена оризова арпа за периодот од 1 септември минатата година до 15 септември оваа година. До крајот на годината средствата ќе им легнат на сметките на земјоделците, а за оваа мерка се планирани околу 100 милиони денари.
„Дел од средствата веќе се обезбедени во интервентниот фонд на Министерството, а дел ќе бидат дообезбедени со ребалансот на буџетот. Тоа е отприлика околу стотина милиони денари кои што ги обезбедува Владата, кои што ќе бидат исплатени до крајот на оваа година, по завршувањето и усвојувањето на ребалансот во Собранието“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Оризопроизводителите ја поздравија новата мерка, но велат дека не може да ја надомести ниската откупна цена што ја нудат откупувачите. Според нив, најважно е да добијат реална цена за својот производ.
„Фала им на тоа, ама не нè спасува тоа нас. Нас нè спасува само реална цена да ни дадат за килограм арпа. Откупувачите си направија нивната земја да биде по 1.000 декари и сега на земјоделецот воопшто не му обрнуваат внимание. Жетвата е многу слаба, нема по 300 кг од декар“, коментираат оризопроизводителите.
При посетата на Чешиново-Облешево, Мицкоски упати порака и до откупувачите да имаат фер однос кон производителите.
„Да упатам јасна порака и до откупувачите дека треба да се однесуваат фер, како што и Владата се однесува и како што граѓаните и оризопроизводителите се однесуваат фер кон нив, така и тие треба да се однесуваат фер, затоа што ова е двонасочна улица. Не би сакале да веруваме во шпекулативно однесување на поединци, затоа што тоа ќе биде ригорозно казнето“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Овогодинешната жетва е речиси пред самиот крај, а досега се ожнеани помалку од 4.000 хектари.

