Делегација на пратениците од Собранието во периодот од 11 до 16 октомври престојуваше во посета на Израел, на покана на Министерството за надворешни работи на Државата Израел.
Делегацијата ја предводела пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на Групата за соработка, а во нејзиниот состав биле пратениците: Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Зоранчо Јованчев, Илир Хасани, Јован Јаулески, Катерина Димитровска, Малиша Станковиќ, Мартин Стојановски, Моника Зајкова, Петар Марков, Славјанка Петровска и Тони Јаревски.
Како што информираат од собраниската прес-служба, програмата почнала со средба на Делегацијата со претставници во Кнесетот. На средбата е истакната континуираната билатерална соработка помеѓу двете држави. Дополнително е разговарано за понатамошен развој на соработката во делот на трговската размена и продлабочување на соработката во стратешки сектори за двете држави, особено во областа на здравството, земјоделството, безбедноста, претприемништвото, културната размена и туризмот.

Делегацијата го посетила и Врховниот суд на Израел каде поблиску се запознал со работата на Судот.
Делегацијата ја продолжила својата посета во Клиничката болница Хадаса и Хадасит – Иновацискиот центар за медицина каде се запозналр со работата на медицинскиот центар и посебниот модел кој овозможува развој и иновација во медицински помагала и техники.
Во Светскиот центар за сеќавање на холокаустот, Јад Вашем, делегацијата учествувала во церемонијата на полагање на венец, со што се оддаде почит на жртвите од холокаустот. Исто така, делегацијата положила венец на гробовите на Теодор Херцл, Јицак Рабин и Шимон Перес.
Делегацијата остварила состанок со Теофилос, патријарх на грчката православна патријаршија во Ерусалим. На средбата пратеникот Петар Марков се заблагодарил за приемот, додека патријархот ја истакна важноста на религијата во разрешување на етничките конфликти.

Во Тел Авив, делегацијата го посетила Центарот „Перес“ за мир и иновации каде се запознала со нивната работа во делот на технолошките иновации во различни области. Во Медицински центар „Волфсон“ Холон, делегацијата се запознала со работата на одделот за трауматологија и нивната методологија за менаџирање на пациенти.
Како дел од посетата делегацијата имала можност да се запознае со работата на Израелска управа за противпожарна заштита и спасување и постројка на „Мекорот“ за третман на вода и десалинизација. Делегацијата посетата ја завршила со посета на Институтот за студии за национална безбедност.

