– Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, оствари работна посета на објектот „8 Март“ во населбата Расадник, во рамки на континуираните активности на локалната самоуправа за унапредување на воспитно-образовниот процес во предучилишните установи.
Од Општина Кисела Вода информираат дека на градинката ѝ биле доставени едукативни и креативни материјали, кои се од суштинско значење за правилниот интелектуален и моторен развој на најмладите. Наменети се за поддршка на стручниот кадар во реализацијата на секојдневните активности и за целосно искористување на детскиот потенцијал низ процесот на учење преку игра. Вакви материјали се обезбедени и доставени до сите објекти на детските градинки низ Кисела Вода. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за сеопфатно унапредување на предучилишното воспитување, што вклучува модернизација на просториите и континуирано вложување во условите за правилен детски раст.
-Вложувањето во раниот детски развој и континуираното унапредување на условите во кои престојуваат најмладите е еден од нашите највисоки приоритети. Преку обезбедувањето на овие едукативни материјали, директно придонесуваме кон поквалитетен образовен процес уште од најрана возраст и создаваме стимулативна средина за згрижување и воспитување на децата- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

