Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс, оствари посета на Општина Кочани, каде што се сретна со градоначалникот Владко Грозданов.
На средбата, како што објавија од Општината, се разговараше за актуелните економски и општествено-политички состојби во Кочани, предизвиците со кои се соочува градот по трагедијата од 16 март 2025 година, како и за состојбата на децата повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“, поддршката од централната власт во инфраструктурни проекти, состојбите во образованието, земјоделството, здравството и на други актуелни теми.

Градоначалникот Грозданов ги претставил природните и развојните потенцијали на Кочани, посочувајќи ја и важноста на странските инвестиции за локалната економија. Притоа, ја истакнал американската компанија АТМ – Амфенол Технолоџи Македонија, во која е вработен најголем број работници од Кочани, но и од поширокиот регион.
Во знак на благодарност за поддршката од САД, градоначалникот на амбасадорката Варнс ѝ подари уметничка секвенца од Споменикот на слободата, чиешто реставрирање во 2024 година беше реализирано со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во нашата држава.

Комуникацијата со дипломатските претставници и меѓународните партнери е значајна за Општина Кочани, како можност за непосредно запознавање со состојбите и потребите на граѓаните, афирмирање на локалните потенцијали и отворање можности за поддршка и соработка во интерес на понатамошниот развој на градот, сметаат од локалната самоуправа на Кочани.

