Технологијата ги поттикнува револуционерните промени во војувањето, но адаптацијата, лидерството, човечкиот потенцијал, како и одржливоста и отпорноста на општеството се клучни за технолошките предности да се претворат во оперативен и стратешки успех, порача началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на панел-дискусијата „Еволуција или Револуција во Војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“.
На настанот, организиран од Институтот за национална историја – Скопје во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, Лафчиски нагласи дека технолошките иновации иако претставуваат двигател на револуционерните промени на бојното поле, сами по себе не се доволни за победа.
– Технологијата ја поттикнува револуцијата во војувањето. Адаптацијата, односно способноста брзо да се прилагодите, и лидерството или човечкиот потенцијал одредуваат дали технолошките предности ќе се преточат во оперативен и стратешки успех – нагласи Лафчиски.
Осврнувајќи се на Заливската војна од 1991 година, тој посочи дека тогашните технолошки достигнувања, како прецизните удари, воздушната супериорност, „стелт“ технологијата и почетокот на дигитализацијата на бојното поле, во комбинација со новите доктрини и здруженото командување, овозможиле коалициските сили да ги реализираат своите воени цели и да постигнат значајна оперативна и стратешка победа.
Според него, искуствата од Заливската војна создале модел кој подоцна бил применуван и во конфликтите во Авганистан и Ирак, каде во почетната фаза биле постигнати поставените воени цели. Сепак, истакна дека противниците со текот на времето се приспособиле на новите технологии и методологии на војување, што ја потврдило важноста на адаптацијата како еден од основните столбови на еволуцијата во современото војување.
– Противникот научи од тоа и се адаптираше. Технологијата не победува секогаш и противникот не мора секогаш да ја следи најсовремената технологија за да може да се натпреварува. Постојат и други методи кои можат да бидат клучни за победа или за опстанок во војната – појасни Лафчиски.
Говорејќи за војната во Украина, началникот на Генералштабот оцени дека конфликтот претставува пример за исклучително брз технолошки развој, особено во употребата на беспилотни системи, вештачка интелигенција, сензори и разузнавачки капацитети.
Но, како што нагласи, клучното прашање останува која страна е способна побрзо да ги усвои научените лекции и да ги претвори во нови способности.
– Адаптацијата е еден од најрелевантните фактори. За адаптација ви е потребен добар човечки потенцијал, команден и лидерски потенцијал. Тоа се работи од исклучителна важност за модерното војување – нагласи Лафчиски.
Во своето излагање тој заклучи дека современото војување не се определува исклучиво од технолошката надмоќ, туку од способноста на државите и армиите брзо да се приспособуваат на промените, ефикасно да ги интегрираат новите технологии и да обезбедат силно лидерство и општествена поддршка.
Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов, истакна дека целта на панел-дискусијата е преку дијалог меѓу академската заедница и безбедносните институции да се согледаат современите предизвици низ призмата на историските искуства.
Според него, Институтот со ваквите настани ја продолжува својата долгогодишна мисија да ги истражува историските процеси и нивното влијание врз сегашноста и иднината, со што се создава простор за размена на ставови меѓу научната јавност и практичарите од областа на одбраната и безбедноста.
Панов нагласи дека актуелните воени конфликти, забрзаниот технолошки развој и сè поголемата улога на вештачката интелигенција наметнуваат потреба од нови анализи и пристапи во разбирањето на современото војување.
– Треба да учиме од минатото за да можеме соодветно да одговориме на сите предизвици што ни следат како држава и како нација во иднината. Како историчар сметам дека повеќе станува збор за еволуција, односно за процес на адаптација на државите и општествата кон новите начини на војување и кон новите технологии – истакна Панов.
Тој додаде дека Македонија низ историјата била важна стратешка крстосница, поради што историските искуства и научените лекции можат да придонесат за подобро разбирање на денешните безбедносни и геополитички предизвици.
На панелот се обрати и Зоран Иванов од Институтот за национална историја, кој истакна дека целта на дебатата е да се отвори поширока стручна расправа за тоа како современите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, го менуваат оперативното опкружување и начинот на војување.
Според Иванов, во светската стручна јавност постојат различни гледишта за тоа дали актуелните промени претставуваат револуција или еволуција во војувањето, но најважно е институциите навремено да ги разберат и да се прилагодат на новите околности.
– Самата технологија по себе ништо не значи, како што ниту самата институција по себе ништо не значи. Мораме да направиме спој на тие две работи за да дојдеме до вистинскиот ефект и соодветно да одговориме на брзите и динамични промени во оперативното опкружување – истакна Иванов.
Тој додаде дека анализата на конфликтите бара непристрасен пристап и разбирање на условите, влијанијата и актерите кои ги креираат безбедносните предизвици, при што клучно е државните институции навреме да ги препознаат промените и да изградат соодветни капацитети за справување со нив.

