Владата денеска има седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст, најави денеска од општина Чешиново-Облешево претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој даде одговор на прашањето дали ќе продолжат мерките за поевтина нафта по 20 октомври. Премиерот Мицкоски рече дека се блиску до постигнување договор за намалување на цената на дизелот.
– Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни два денари по литар да имаме барем кај дизелот- намалување на цената-изјави Мицкоски.
Тој истакна дека како Влада ќе продолжат со истата политика за цената на горивата.
– Кај нас влијаат тековите кои што се на светските берзи. Но, факт е дека Владата, за разлика од сите влади во Европа, најмалку зафаќа во делот на данокот на додадена вредност и акцизата и затоа денес граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел горивото и безоловниот. Веќе имаме држави во Европа каде што дизел горивото и безоловниот се продаваат над 3 евра, 3,2, 3,3 па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел горивото и безоловниот 95 октански се под 1,6 евроценти за литар и е најниска цена во Европа. И ние ќе продолжиме со таа политика – рече Мицкоски.
Според него, „сложена е состојбата во светот“ и како што рече „се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети“. „Се наоѓаме на линијата на фронтот на невидливата, би рекол, условно кажано и тивка трета светска војна“, рече Мицкоски, додавајќи дека „нашата Владата засега се справува одлично“.
– До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови горива, а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции, а предизвици секако ќе има. Продуктоводот или нафтоводот кој што го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија е под притисок, е наполнет, така што доволни количини на гориво ќе има за македонските граѓани и не само за македонските граѓани, бидејќи имаме најниска цена за горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат да полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел, посебно во пограничните места. Ќе продолжиме со оваа политика да го заштитиме стандардот на граѓаните толку колку што можеме – истакна Мицкоски.
Тој ги отфрли шпекулациите дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената на електричната енергија и како што рече нема да има зголемување на цената на струјата, односно цената останува иста.
-Од кога сме избрани како Влада, немаме покачување на цената на електричната енергија. Се сеќавате во минатите години владата на СДСМ и ДУИ малтене ја дуплираше цената на електричната енергија, така што остануваме посветени да го заштитиме стандардот на граѓаните – изјави Мицкоски, кој денеска беше во посета на општина Чешиново-Облешево.

