Убедливо поразени на изборите, но самопрогласени победници. Наместо да се соочат со изборниот пораз во Брвеница, СДСМ и Венко Филипче се обидуваат да го релативизираат катастрофалниот пораз и да го претстават како успех. За разлика од она што сака да го претстави раководството на Социјалдемократскиот сојуз, аналитичарите се децидни дека сериозно заостануваат зад владејачката партија и анализираат дека уште пострашно е тоа што не ја препознаваат пораката што ја испраќаат гласачите. Показател дека се неопходни промени во врвот на СДСМ и во политиките што ги застапуваат.
„СДСМ се обидува преку еден минорен поволен статистички податок да ја ублажи сликата за сериозниот изборен пораз. Порастот на гласовите може да се посочи како охрабрување за дел од членството, но не ја менува основната политичка порака дека нејзиниот кандидат останува далеку зад водечкиот противкандидат. Значи, ако имате 2.943 гласа наспроти 706 за СДСМ, односно 4,7 пати повеќе гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е јасен показател за изборниот дебакл што СДСМ го доживеа во Брвеница“, изјави аналитичарот Јове Кекеновски.
Целта, како што оценува Кекеновски, е јасна: Филипче сака што подолго да остане на лидерската позиција, а тоа е невозможно со извртување на реалноста. Без отворена дебата и признание за лошиот резултат, ваквиот пристап може дополнително да го продлабочи незадоволството меѓу членството, предупредуваат познавачите.
„Тоа лесно може да стане повод за дополнително незадоволство, особено ако членството почувствува дека раководството неаргументирано ја разубавува состојбата, а тоа е факт. И затоа сметам дека притисокот врз Филипче ќе зависи пред сè од тоа дали ќе понуди убедлив план за обнова на партијата или ќе најде за брзо време заеднички јазик со внатрепартиската опозиција. Самата промена на претседателот без промена на начинот на работење не гарантира опоравување од оваа криза во која се наоѓа СДСМ. Резултатот јасно покажува дека СДСМ има сериозен проблем со изборната конкурентност. Сметам дека довербата може да се врати со уверлива политика, кредибилни луѓе, луѓе без путер на главата, со видлива работа меѓу граѓаните и со конкретни програми што ќе се реализираат“, изјави аналитичарот Јове Кекеновски.
Партиската математика по изборите во Брвеница, според која гласовите на СДСМ се зголемиле, а на ВМРО-ДПМНЕ се намалиле, наиде на остри критики од јавноста, како и од членови на опозициската партија. Се бара одговорност од Филипче и смена на луѓето што ги подготвуваат партиските анализи.
Convert to PDF

