Официјалната европска статистика потврди дека Македонија има најниски цени на храната и пијалоците. Премиерот Мицкоски вели дека Евростат ги побил тврдењата на опозицијата и синдикатите, кои ширеле дезинформации. Според европската статистичка служба цените на храната и безалкохолните пијалаци во земјава се за 25 проценти пониски од просекот на 36 европски земји. Мицкоски вели дека Владата работи на консолидирање на инфлацијата и резултатите се солидни бидејќи во третиот квартал Македонија има убедливо најниска стапка на инфлација во регионот и како што рече, можеби и во Европа.
„Порано не убедуваа дека инфлацијата била увезена, кога имавме двојно поголема од просечната во Европската Унија. Денес кога имаме за 25-30 отсто пониска инфлација од таа во ЕУ, ги нема тие што не убедуваат, молчат, скриени некаде и се обидуваат како лешинари повторно со лаги, измислици и конструкции да нанесат некаква политичка штета. Тие мислат дека народот не се сеќава тоа што го правеа седум години кога ја ограбуваа и кога ја распродаваа Македонија, кога ја уништуваа Македонија. И сега кога гледаат дека од петни жили се мачиме нешто да повратиме од тоа што е распродадено и уништено, тие повторно како лешинари се обидуваат да наштетат, но се немоќни бидејќи народот е со Владата и со решенијата“ – вели Мицкоски.
Голем удел во ниските цени на храната и пијалоците има одржувањето на што е можно поевтини горива. Освен мерките за помали акцизи и ДДВ, Владата дополнително преговара со најголемиот снабдувач ОКТА за попуст од 2 денари по литар за дизелот. Мицкоски очекува да падне договор.
„Продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни два денари по литар да имаме барем кај дизелот намалување на цената. Факт е дека Владата, за разлика од сите влади во Европа, најмалку зафаќа во делот на ДДВ и акцизата и затоа граѓаните денес имаат најниски цени кога станува збор за дизелот и безоловниот бензин. Ќе продолжиме со таа политика“ – вели Мицкоски.
Инаку Евростат потврди дека Македонија има најниско ценовно ниво на храната меѓу 36 европски држави. После Македонија, според ценовното ниво се наоѓаат Романија и Турција. Од балканските држави најмногу до европскиот просек на цени се наоѓа Србија, а надпросечни цени имаат Хрватска, Албанија и Грција. Најголема разлика во цените во Македонија споредено со другите држави има кај овошјето и јаткастите плодови кои се за 47,6% поевтини од просекот на ЕУ. Лебот и житарките се за 34% поевтини, а зеленчукот за 28%. Месото се продава за 22,4% поевтино од европскиот просек, рибата за 19,5%, а млекото, сирењето и јајцата имаат за 10,4% пониски цени. Маслата и мастите се најблиску до европскиот просек. Македонија има и пониско ниво на цените на безалкохолните пијалаци од сите земји членки на ЕУ.

