Хаос е и во Албанија, каде по протестите на студентите и незадоволните граѓани и судирите со полицијата, владата на Еди Рама е под огромен притисок за оставки. Премиерот Еди Рама е соочен со притисок дури и во сопствените редови. Сопартијката на Еди Рама, Елиса Спиропали, објави остро отворено писмо упатено директно до него, во кое бара политички одговори на протестите во Тирана, а не само репресија. Спиропали го повикува Рама да се стави во позиција на демонстрант – млад човек кој стои меѓу толпата, ги слуша повиците, го чувствува стравот и гневот што „не се роди денес“. Според неа, сè започнало со оградите што ги одвоија граѓаните од јавниот простор и од институциите, кои брзо прераснаа во симбол на власт што дели и поставува бариери. „Албанија над сè. Не партијата над сè. Ниту власта над сè“, завршува Спиропали, повикувајќи го Рама, „некогашниот идеалист и интелектуалец“, да донесе одлука што ќе ја врати довербата, а не уште еден говор.
Писмото доаѓа во момент кога Тирана е потресена од протести и судири, а претставува ретка јавна критика од редовите на владејачката партија кон самиот премиер. Рама, пак, засега отфрла оставка и обвинува дека странски сили се мешале во протестите, кои не биле резултат само на внатрешното незадоволство, туку дека во нив се вклучени и надворешни влијанија и групи со екстремистички идеологии.
Во тој контекст ги спомена Русија, Иран, движењето Антифа, верските екстремисти и албански политички актери, опишувајќи ги како „конгломерат кој го поттикнува и релативизира насилството“.

