Во свет на вештачка интелигенција и безброј онлајн услуги, македонските купувачи сепак и натаму повеќе преферираат пари на рака. Според истражување на Еуростат во Македонија 68% од онлајн трговците пријавиле дека повеќе од половина од нивните нарачки купувачите ги плаќаат на врата. Граѓаните велат дека онлајн плаќаат но само кога мораат. Клучниот проблем кој го наведуваат е недовербата што и од каде купуваат.
„Ретко купувам онлајн само ако е нешто што не морам лично да го пробам и ако ми е проверен сајт“
„Не купувам онлајн, јас сум од тие старите заостанати“, изјавија граѓаните
Истражувањата покажуваат дека не само кај нас, туку и во регионот на Западен балкан предизвикот е сличен. Анализите на невладините организации велат дека проблемот не е само во недовербата, туку и во се уште неразвиениот потенцијал на електронската трговија, но и недоволно развиените дигитални вештини на граѓаните. Од асоцијацијата за електронска трговија во државата велат дека земјите од Западен Балкан бележат значителен напредок во пристапот до интернет и финансиски услуги, но податоците покажуваат дека дигиталната поврзаност не значи автоматски и поголемо учество во дигиталната економија .
„Јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и се уште високата застапеност на готовинските плаќања укажуваат на значителен неискористен потенцијал за раст на е-трговијата во регионот“, соопштија од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија
За разлика од кај нас, во западните земји оваа пракса е многу развиена и широко прифатена. Дел од граѓаните препознаваат и други причини зошто е тоа така:
„Живеам во Англија, онлајн купувањето е секојдневие и нема воопшто разлика има начин доколку не ти се допаѓа производот да го вратиш, значи правата корисниците на некој начин загарантирани. За разлика од тука мислам дека е малку поинаку, барем по социјални мрежи што читам дека луѓето немаат можност да ги отворат производите пред да платат и така натаму исто враќањето е малку потежок процес мислам дека треба да се поработи малку на тоа околу правата на корисниците“, изјави друг граѓанин
Според податоците, 84,3% од возрасните граѓани во државава имаат сметка во финансиска институција или пак давател на мобилни финансиски услуги. Ова покажува дека потенцијал постои, но тој и натаму е недоволно искористен.

